Користење на апликацијата VicEmergency за известувања и предупредувања - Macedonian

Преземете ја апликацијата VicEmergency за да бидете подготвени за вонредни состојби, за да поставувате зони за следење, за да добивате известувања и за да ги следите упатствата во предупредувањата.

Поставување на апликацијата VicEmergency

Апликацијата VicEmergency ви дава информации и предупредувања во реално време за вонредни состојби што можат да ве засегнат.

Тоа вклучува пожари, поплави, бури, земјотреси, метеоролошки предупредувања и други вонредни настани.

Важно е да ја имате апликацијата VicEmergency на вашиот телефон и да знаете како да ја користите.

Апликацијата VicEmergency е на англиски јазик.

Доколку не читате англиски, можете да ја повикате Службата за преведување и толкување (TIS) на телефон 131 450.

Преземете ја апликацијата

Апликацијата можете да ја преземете на вашиот паметен телефон. Со тоа ќе можете да добивате известувања каде и да се наоѓате.

Преземете ја од App Store за уредите на Apple

Преземете ја од Google Play за уредите со Android

Користењето на апликацијата е едноставно

Кога ќе ја отворите апликацијата, ќе видите карта на Викторија.

На картата се прикажани црно-бели симболи. Тие го претставуваат секој повик упатен до службата Три нули (000). Понекогаш еден инцидент може да биде прикажан со повеќе симболи. Тоа е затоа што повеќе лица го пријавиле истиот инцидент.

Секој симбол покажува за каков вид инцидент станува збор. Користете ги овие информации за да одлучите дали тоа е нешто за што треба да знаете и дали треба да преземете мерки.

Во апликацијата може да се појават и жолти, портокалови или црвени симболи, како и обоени означени области на картата. Тие претставуваат предупредувања. Трите нивоа на предупредување се објаснети подолу на страницата.

Поставете кориснички профил

За целосно да ги искористите можностите на апликацијата, поставете свој кориснички профил.

Апликацијата може да се користи и без профил, но ако креирате профил ќе можете да ги зачувате вашите зони за следење и да добивате известувања.

За да креирате профил:

  1. Отворете Menu (Мени) во апликацијата и изберете Create a profile (Креирајте профил).
  2. Внесете ги вашите податоци и лозинка.

Вашите поставки ќе бидат зачувани и автоматски ќе се применуваат кога ќе се најавите во апликацијата VicEmergency и од други уреди.

Зачувајте зони за следење во вашиот профил

Зоните за следење се области што ви се важни, како што се вашиот дом, работното место, училиштето на вашите деца или некое место кое го посетувате. Доколку има активност во некоја од вашите зони за следење, ќе добиете известување.

Како да поставите зона за следење:

  1. Отворете ја почетната страница на апликацијата и изберете Create watch zone (Креирајте зона за следење).
  2. Допрете на картата каде што сакате да ја поставите зоната за следење или пребарајте адреса или предградие.
  3. Дајте име на вашата зона за следење.
  4. Изберете ја големината на областа што сакате да ја следите. Во руралните подрачја се препорачува зоната да биде најмалку 10 km. Во градските подрачја подобро е зоната да биде со големина од 500 метри до 1 километар.
  5. Изберете за кои видови инциденти сакате да добивате известувања. Секогаш ќе добиете известување кога за некоја од вашите зони за следење ќе биде издадено предупредувањето Emergency Warning или Watch and Act.

Што да направите кога ќе се издаде предупредување

Кога некој инцидент е сериозен, може да биде издадено предупредување. Внимателно прочитајте го предупредувањето и постапете според упатствата што ги дава.

Доколку предупредувањето се однесува на некоја од вашите зони за следење, ќе добиете известување преку апликацијата на вашиот телефон.

Постојат три нивоа на предупредувања. Предупредувањата се издаваат како одговор на конкретни настани. Тие не се издаваат секогаш по редослед од најниско до највисоко ниво на сериозност. Понекогаш првото предупредување што ќе го добиете е и најсериозното.

Предупредувања што се користат при вонредни состојби

Предупредувања се издаваат кога постои веројатност да бидете засегнати од вонредна состојба.

Тие ви даваат важни информации и ви кажуваат што треба да направите за да останете безбедни.

Овие предупредувања ќе бидат на англиски јазик. Бојата на предупредувањето е најдобриот начин да знаете за колку сериозен инцидент се работи.

Ако ви е потребен превод на предупредувањето, јавете се на TIS на телефон 131 450.

Трите нивоа на предупредувања

Во Австралискиот систем за предупредувања постојат три различни нивоа на предупредувања:

Жолто – Advice (Упатство)

Symbol for 'Advice' in the Australian Warning System

Жолтото предупредување Advice ве известува дека во областа се случува инцидент. Исто така, може да ве извести дека сериозноста на опасноста е намалена.

Портокалово – Watch and Act (Следете и дејствувајте)

Symbol for 'Watch and Act' in the Australian Warning System

Портокаловото предупредување Watch and Act ве известува дека во вашата близина се одвива вонредна состојба. Треба да бидете подготвени да преземете мерки за да се заштитите себеси и другите.

Црвено - Emergency Warning (Предупредување за вонредна состојба)

Symbol for 'Emergency Warning' in the Australian Warning System

Црвеното Emergency Warning значи дека се наоѓате во непосредна опасност. Мора веднаш да дејствувате.

Како да го прочитате предупредувањето

Кога ќе отворите известување во апликацијата, ќе видите симбол за предупредување во боја и област на картата со иста боја што покажува за кое место се однесува предупредувањето.

Допрете ја иконата или обоената област за да го прочитате предупредувањето.

За повеќе податоци за вонредната состојба изберете „More info“ (Дополнителни информации).

Секогаш следете ги упатствата наведени во предупредувањето за да останете безбедни.

Редослед на предупредувањата

Предупредувањата може да пристигнат по кој било редослед. Тие ја одразуваат моменталната состојба и информациите што треба да ги знаете за да останете безбедни. Можно е првото предупредување што ќе го добиете да не биде жолто Advice.

Првото предупредување може да биде Emergency Warning.

Прочитајте го секое предупредување веднаш штом ќе го добиете и преземете мерки ако тоа го бара од вас.

Разбирање на упатствата во предупредувањата

Секое предупредување содржи упатства за тоа какви мерки треба да преземете.

Овие упатства може да се разликуваат во зависност од видот на вонредната состојба, условите и заканата од опасност за заедницата.

Stay informed (Останете информирани)

Жолтото предупредување Advice значи дека започнал инцидент, но нема непосредна опасност. Ако го добиете ова предупредување треба да останете информирани во случај да се смени ситуацијата.

На пример, може да добиете жолто предупредување Advice со пораката „Stay informed“ (Останете информирани).

Ако предупредувањето е поради невреме, жолтиот симбол за предупредување ќе прикажува грмотевичен облак.

Да останете информирани може да вклучува работи како што се:

  • полнење на мобилниот телефон
  • паркирање на автомобилот под покрив и подалеку од дрвја
  • прицврстување на мебел и други предмети кои се наоѓаат на отворено
  • останување во затворен простор.

Ако предупредувањето е за поплава, жолтиот симбол за предупредување ќе прикажува куќа опкружена со надојдена вода. Предупредувањето ќе ви даде известување „Prepare now“ (Подгответе се сега).

Подготвувањето може да вклучува работи како што се:

  • проверка на локалниот водич за поплави
  • разговор со членовите на семејството, домаќинството и соседите за тоа што ќе направите
  • пакување неопходни работи во автомобилот.

Во ваша близина се одвива вонредна состојба

Портокаловото предупредување Watch and Act значи дека во ваша близина се одвива вонредна состојба. Ако го добиете ова предупредување, треба веднаш да започнете со преземање мерки за да се заштитите себеси и другите.

На пример, може да добиете предупредување кое ве известува „Monitor conditions as they are changing“ (Следете ги условите бидејќи тие се менуваат).

Ако предупредувањето е за шумски пожар, портокаловиот симбол за предупредување ќе прикажува пламен.

Следењето на условите може да вклучува работи како што се:

  • редовно проверување на апликацијата на VicEmergency
  • слушање на радио-станицата што емитува информации за вонредни состојби
  • проверување кај соседите дали знаат што се случува
  • набљудување на околината за чад, пепел или пламен. Ако условите се влошуваат, треба да го следите вашиот план за пожар и да заминете.

Веднаш следете ги упатствата од предупредувањето

Црвеното Emergency Warning значи дека се наоѓате во непосредна опасност и дека ќе бидете засегнати од вонредната состојба. Ако го добиете ова предупредување, веднаш следете ги упатствата, бидејќи секое одложување може да го загрози вашиот живот.

На пример, ако добиете црвено предупредување за пожар Emergency Warning со упатството „Take shelter now“ (Веднаш засолнете се), значи дека е премногу опасно да заминете.

Засолнувањето може да вклучува работи како што се:

  • влегување во затворен простор и затворање на сите врати, прозорци и отвори за вентилација
  • облекување дебела заштитна облека од памук или волна и работни чизми
  • одење во просторија која има чист излез и поглед кон условите надвор.

За да ја избегнете оваа ситуација, секогаш планирајте да заминете навреме. Пожарникарите можеби нема секогаш да можат да стигнат до вас.

Многу е важно да ги разбирате предупредувањата и да знаете како да постапите. Луѓето можат да бидат изложени на опасност или да го загубат животот затоа што не знаат однапред што треба да направат.

Информации за заедницата

Пораките Community Information (Информации за заедницата) исто така се прикажуваат на картата со предупредувања. Тие се означени со сина боја и се објавуваат кога заканата од опасност е многу мала или не постои. Овие пораки обезбедуваат конкретни информации и новости за инциденти.

Дали сте подготвени за вонредни состојби?

Разбирањето на предупредувањата е само еден дел од подготвеноста за вонредни состојби.

Апликацијата и веб-страницата на VicEmergency обезбедуваат важни информации пред, за време и по вонредните состојби.

Подготвеноста за вонредни состојби е одговорност на сите:

  • направете план заедно со вашето семејство
  • преземете ја апликацијата на VicEmergency и научете како да ја користите
  • запознајте се со ризиците во вашата локална средина.

Updated